Еурофарм Пелистер најде тренер – Тамше не е во игра

Актуелниот македонски првак Еурофарм Пелистер најдоцна до среда треба да го промовира новиот тренер. Според информациите на 24Ракомет, тоа сигурно нема да биде Словенецот Бранко Тамше. Тој беше споменуван како најсериозен кандидат, и сите го гледаа на клупата на битолчани.

Тамше се уште е на апанажа во Нексе, и побарал превисока плата за доаѓање во Битола, дури и повеќе од она што го добивал кога беше тренер на хрватскиот клуб. Тој исто така е во преговори со германски клуб, па сакал преку Битола да си ја зголеми и цената во Бундеслигата. Затоа управата на Еурофарм Пелистер не постигна договор со него.

Новиот тренер што ќе има задача да ја задржи титулата во Битола нема да биде од Балканот. Новото име најверојатно ќе дојде од Шпанија или од Германија. Управата на Еурофарм Пелистер е во завршна фаза на договор со новиот тренер, и остануваат детали за договарање.

Во моментов на клупата на битолчани е Звонко Шундовски, но тој е само преодно решение, како замена за Бранислав Ангеловски. Екипата после 10 кола има два порази, но сега треба да почне вториот дел од сезоната, и дерби средбите против екипата од Автокоманда и против Вардар треба да ги игра пред домашна публика.

Долго е првенството, и има уште доста дерби средби кои ќе треба да се одиграат пред да се реши кој ќе биде шампион и победник на Купот.