Викендов на програмата ќе биде 3. коло од Женската лига, а најголемо внимание ќе привлече натпреварот меѓу Ѓорче Петров и Вардар. Актуелниот шампион ќе биде гостин кај „црвено-црните“, а избраничките на Симе Симовски се фаворити против составот на Анжела Платон.
Ѓорчепетровки во ланската сезона ги добија двата натпревари против Вардар, на првиот, славеа со 31:27, на вториот, исто така со четири гола разлика, 33:29.
Двете екипи за оваа сезона направија промени, актуелниот шампион осетно се засили, додека Вардар беше активен на домашниот пазар и во своите редови донесе неколку нови имиња.
,,Вардар се подмладени, донесоа неколку млади ракометарки и станува збор за екипа која опстојува со сопствен кадар. Одигравме против нив на турнирот во Ѓорче Петров, победивме убедливо, но мислам дека имаа доволно време да се консолидираат и да видат каде грешат. Ние сме поискусна екипа, поквалитетна, воиграна, сето она што го тренираме ќе треба да го покажеме на терен, да ја оправдаме фаворитската улога и да пружиме една добра партија”, изјави Симовски.
Ѓорче Петров изминатиот период беше на подготовки во Црна Гора, таму спарингуваше со Будуќност темпирајќи ја формата за следните предизвици.
,,Новите играчи полека, но сигурно се прилагодуваат на новата средина. Имаме многу нови играчи, сега е потешко, но се зависи од нас, како и од самите играчи како ќе се адаптираат на системот на работа. Сега пружат добри и интересни партии, секако, кај сите има простор за напредок”, вели Симовски.
Натпреварот меѓу Вардар и Ѓорче Петров ќе се одигра в сабота со почеток од 14:00 часот, во спортската сала при ОУ „Круме Кепески“, во Кисела Вода.