Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер со пораз ја започна новата авантура во Лигата на шампионите, откако уште на самиот старт од сезоната загуби минимално од моќниот ПСЖ со 31:29. Еурофарм Пелистер одигра одлично во периодот од 45 до 60 минута и покажа дека може да биде опасен за секој ривал.
Битолчани одлично го стартуваа натпреварот и до 10 минита имаа активен резултат. По предноста на пелистерци од 4:3, избраниците на Гонзалез направија пресврт, односно серија од 4:0 и кон средината на првиот дел имаа плус три, 7:4.
Кризата во таборот на Еурофарм Пелистер ја прекина Цехте, кој намали на 7:5, но ПСЖ до крајот на првиот дел имаше резултатска контрола, најчесто водеше со три до четири гола разлика. До 20 минута, голманот на Еурофарм Пелисер, Филип Ивиќ, имаше четири интервенции, додека Андреас Паличка четири повеќе, односно осум.
Домашниот тим во последните пет минути од првиот дел речиси сите грешки на македонскиот претставник лесно ги казнуваше и лесно доаѓаше во позиција за гол, ја зголеми својата предност и на полувреме замина со плус пет, 18:13.
Веќе при резултат од 25:17 во 40 минута, јасно им беше на битолчани дека ќе мораат да го дадат најдоброто од себе. Избраниците на Ангеловски на моменти играа добро, со три гола во низа намалија на 25:20 во 45 минута и на домаќините им дадоа до знаење дека можат да бидат опасни.
ПСЖ премногу се опушти во завршниот период, па така Еурофарм Пелистер дојде и до минус два со голот на Кузмановски, 28:26. До крајот предноста на ПСЖ најчесто се движеше од два до три гола разлика. Во таборот на Еурофарм Пелистер постоеше некоја надеж за барем бод кога Манасков реализираше за минус еден, 30:29, но искуството во клучните моменти си го направи своето.
Најефикасни во таборот на Еурофарм Плеистер беа Филип Кузмановски со осум и Жарко Пешевски и Нејц Цехте со по шест погодоци. Кај ПСЖ се истакна Камил Шипжак, репрезентативецот на Полска имаше 11 реализации.
Во второто коло Еурофарм Пелистер на свој терен ќе го пречека тимот на Фуксе Берлин, кој утре игра против Веспрем.