Македонија го заврши настапот на Европското првенство во Словенија на деветтото место по триумфот над Франција со 30-29.
Иако на осум натпревари, Македонија имаше само еден пораз, сепак не беше во ТОП 8 поради новиот систем на натпреварување.
Капитенот Андреј Стојановски ги сумира импресиите по настапот на младинците во Целје.
„Сакам на стартот да се заблагодарам на медиумите и македонскиот народ за целата поддршка. Горд сум што сум капитен на овие момци и што сум дел од оваа екипа. Прекрасни луѓе, со кои заедно макотрпно работиме повеќе од три години и во секој натпревар го даваме нашиот максимум. Од стартот знаевме какви противници не очекуваат. Веднаш по ждрепката, си дадовме некоја цел, да се пласираме во ТОП 8, можеби малку ни е криво што не успеавме да ја оствариме, но од друга страна се пласиравме на СП во Полска, кое ќе биде наше последно заедничко наптреварување. Една топка не оддели од посакуваниот пласман. Според мене, клучен беше мечот со Австрија, имавме позитива од три гола, но имаше некој сплет на околности, не изреагиравме како што треба во некои ситуации, направивме некои грешки и на Австријците им одговараше реми. На крај со еден пораз, и тоа од Франција, не оддели од ТОП 8. Но Франција ја победивме и докажавме можеме да се носиме со најсилните репрезентации. После ремито со Австрија, рековме дека ќе играме максимално до крај. Моравме веднаш да се освестиме, имавме нова група, каде што ги добивме Романија и Полска, пред поразот од Франција. Со стручниот штаб ги анализиравме добро ривалите, бевме добро подготвени и потоа вкрстивме со Унгарија. Тој натпревар го одигравме на едно високо ниво, а тоа се покажа и на терен. Со Франција на последниот натпревар тактиката беше само со срце на терен и изгинавме за да победивме. На крајот можеби треба да ни е жал што не влеговме во ТОП 8, бидејќи ниту една репрезентација во последните неколку години не не надигра“, потенцира капитенот.
Некои од актуелните младинци се наоѓаат на поширокиот список на сениорите, а Стојановски смета дека голем дел може да заиграат еден ден за сениорската репрезентација.
„Лани исто завршивме деветти во светот. Клучна беше една топка со Норвешка да одиме уште понапред. Оваа година исто еден меч не оддели од голем успех. Јас можам да кажам како капитен на овие момци, дека се навистина квалитетни и се надевам дека голем дел од нас ќе заиграат за сениорската репрезентација. Заедно сме сите многу добар тим, функционираме и живееме заедно како семејство, дишеме заедно, и тоа не краси покрај борбеноста, а кога е така резултатите нема да изостанат“, заврши Стојановски.
Следен голем предизвик за Стојановски и Македонија ќе биде настапот на Светското првенство во 2025 година во Полска.