Машката младинска репрезентација на Македонија имаше победнички старт на Европското првенство во Целје, Словенија и славеше против Црна Гора со убедливи 31-21. Победникот беше решен уште по првото полувреме, кога нашите младинци одиграа одлична одбрана и му дозволија на ривалот само пет пати да погоди. Второто полувреме беше само рутински одработена задача и мислите можат да се насочат кон вториот предизвик и фаворит во групата, селекцијата на Хрватска.
По почетното водство на Црна Гора, Македонија направи комплетен пресврт и со серија од четири гола поведе со 4-1. Галевски имаше две одбрани, а Калајџиески беше непогрешлив во нападот и нашите младинци имаа плус три по четири минути игра.
Капитенот Стојановски заработи две исклучувања за кратко време, но тоа не беше проблем, бидејќи селекторот Стојановиќ имаше други решенија. Црна Гора за момент се врати во игра и намали на 4-3 во осмата минута.
Но оттогаш тргна една убава серија на Македонија. Одбраната беше одлична, се надоврзаа Галевски и Брестовац со одбранет пенал, а нападот функционираше солидно. Погодуваа Белистојаноски, Ристевски, Димевски…и веќе беше 10-3.
По 17 минути без гол, Црна Гора конечно успеа да погоди од пенал и да намали на 10-4. Сепак нашите момци ја задржаа предноста од седум гола на паузата, 12-5, иако имаа шанса и за плус осум, но последниот шут не беше успешен.
На стартот на вториот дел Марио Стојановски доби црвен картон и Црна Гора успеа да намали на минус пет, 13-8. Тоа воопшто не го наруши македонскиот ритам. Галевски фати пенал, па Субашевски, Калајџиески и Узунчев, продолжија да го полнат голот на Црна Гора.
Сега и Брестовац одбрани еден удар, а Узунчев донесе највисоки плус девет, 22-13. Беше и 24-15, Црногорците се бореа и стопија два гола од негативата, но немаа шанси за камбек во натпреварот, иако и капитенот Андреј Стојановски доби црвен картон поради три икслучувања во претпоследната минута. Македонија рутински го запечати за стартни два бода и победнички старт на ЕП.
Најдобри стрелци во македонскиот состав беа Узунчев со осум, како и Калајџиески и Субашевски со по пет погодоци, додека голманите Галевски и Брестовац комбинираа 12 одбрани. Во Црна Гора се истакна Добрковиќ со шест гола.
Следен предизвик за избраниците на Раде Стојановиќ ќе биде дуелот со Хрватска, првиот фаворит во групата, утре на пладне.