Женската младинска репрезентација на Македонија пропушти голема шанса во првото коло од главната фаза и освои само бод против Португалија 28:28, иако во финишот се наоѓаше пред победа.
Утре Македонија игра со Црна Гора, која денес силите ќе ги одмери со Исланд. Островската земја е фаворит на овој дуел.
По израмнетата игра во воведните две минути, ривалот на Македонија од 2:2 дојде до 4:2 во петтата минута. Нашата репрезентација знаеше како да ги искористи минутите со играч повеќе, со погодоците на Стефаноска и Младеновска направи комплетен пресврт, поведе со 6:4 кон средината на првиот дел. Португалија успеа да направи камбек и израмни на 6:6
Следуваше период, во кој двете репрезентации постигнаа по два гола, беше 8:8, потоа „црвено-жолтите“ со два гола во низа успеаја да се одлепат на плус два, 10:8. Македонија до крајот на првото полувреме уште во два наврати имаше позитива од плус два ( 11:9, 12:10). Во еден момент, две ракометарки од составот на Јанев добија по две минути исклучување, па така Португалија ја искористи целата ситуација и на полувреме замина со минимални 14:13.
Иако Португалија поведе со 15:13 на стартот на вториот дел, репрезентацијата на Македонија не се предаваше и повторно успеа да направи пресврт, односно серија од 3:0 и поведе со 16:15 во 35 минута. Избраничките на Јанев ја подобрија одбраната, ја имаа расположената Чурлиновска на голот, која беше најзаслужна за направениот пресврт, знаеа како да дојдат до реализација и во 43 минута дојдоа до дотогаш највисоките плус три, 21:18, две минути подоцна имаа и плус четири, 23:19.
По предноста на Македонија од 25:21, репрезентативките на Португалија се доближија на 25:24, до речиси последната минута нашата репрезентација имаше активен резултат, водеше со еден до три гола разлика, но Португалија успеа да се врати во финишот, ги искористи четирите исклучувања во домашниот табор и се избори за голем бод.
Најефикасна во Македонија беше Сара Стефаноска со девет погодоци, пет додаде Борјана Коцева, четири запиша Ива Младеновска, три од три имаше кружниот напаѓач Хана Мифтари.