Ракометарките на Вардар сериозно влегоа во трката за второто место во Женската лига, откако на гостувањето кај Металург Автокоманда триумфираа со 30:23 во натпревар од 23. коло.
Вардарки сега му се приближија на Металург Автокоманда и Чаир, кои имаат по 58 бодови, додека „црвено-црните“ на 23 одиграни натпревари освоија 55 бодови.
На денешниот натпревар се беше познато уште во првиот дел, во кој Вардар успеа да се одлепи на 10:4 и до крајот доминираше во секој сегмент од играта.
Веќе при предност од 15:7 за „црвено-црните“, јасно беше дека домаќинот тешко ќе ја надомести високата негатива, па по 30 минути игра резултатот беше 17:11 во корист за гостинскиот табор.
Ништо не се смени ниту во вториот дел, домаќинот даваше се од себе за резултатски да се доближи, но Вардар продолжи во исто темпо освојувајќи ги посакуваните три бода.
Ивона Трпевска со седум погодоци беше најефикасна во победничката екипа, шест постигна Симона Василева, по пет реализации имаа Бојана Радевска и Бојана Коцева.
Листата на стрелци во поразениот табор беше предводена од Теодора Гулицоска, која во мрежата на гостинките имаше осум погодоци.