Ривал на македонскиот шампион Ѓорче Петров во четвртфиналето на Европскиот Куп ќе биде шпанската екипа Елче.
Тренерот на Елче, Хоакин Рокамора, вели дека е задоволен од ждрепката бидејќи ги избегна другите две шпански екипи.
„Задоволни сме од ждрепката. Иако не ги знаеме можностите на ривалот Ѓорче Петров, најважно е дека ги избегнавме оние што не ги сакавме – другите шпански екипи. Ако поминеме во полуфиналето, тогаш сигурно е дека ќе има една шпанска екипа во финалето. Мора да работиме и да го видиме нивото на противникот. Веруваме дека можеме до полуфиналето, а тоа би било историско за нашиот клуб“, изјави Рокамора.
Елче на патот кон четвртфиналето немаше вистински предизвик – ги елиминираше ривалите со голема разлика. Во втората рунда настрада бугарскиот тим Бјала со 97-30 во двомечот, потоа грчкиот Јонијас со 60-50, како и португалската Мадеира во осминафиналето со вкупен резултат 59-49.
Првиот натпревар меѓу Елче и Ѓорче Петров ќе се одигра во Шпанија на 10 март од 12:30 часот, додека реваншот ќе биде на 16 или 17 март.