Ракометарите на Мулти Есенс во натпревар од последното коло од регуларниот дел на сезоната славеа на гостувањето кај Вардар Неготино со 25:22.
Младиот тим од Автокоманда со освоената победа се позиционираше на 7. позиција на табелата со девет бода и во плеј-аут фазата ќе пренесе бод.
Домаќинот по добриот старт и предноста од 2:0, имаше пад во играта, гостите влегоа во ритам, почнаа постепено да градат солидна предност, највисоката изнесуваше шест гола разлика и на пауза имаа активен резултат од 14:10.
Вардар Неготино во вториот дел во неколку наврати се закани, но немаше доволно сили за да направи целосен камбек. Во 51 минута црвен картон поради три исклучувања заработи Теодор Тодески.
Гостите се консолидираа кога најмногу требаше и се израдуваа на трет триумф во дебитанската сезона. На две минути пред крајот, исто така црвен картон поради три исклучувања заработи и Валентин Карасманакис.