Тимот на Еурофарм Пелистер 2 ја заврши својата работа во последното суперлигашко коло и на гостувањето кај Куманово славеше со 27-24. Сепак тоа не беше доволно за пласман во плеј-офот бидејќи сиректниот конкурент Струга славеше убедливо против Аеродром со 34-23 и ќе биде дел од разигрувањето за титулата.
Еурофарм Пелистер сега има 18 бода, останува на петтото место што значи дека во плеј-аутот ќе пренесе три бода, додека Струга има 21 бод на четвртото место и ќе патува во плеј-офот без бодови.
Куманово имаше силен старт, поведе со 5-2, но битолчани заиграа подобра одбрана, ги казнуваа грешките на домашните и набрзина направија комплетен пресврт, 7-5. Беше и 10-7, но Куманово не се откажуваше.
По двете одбрани на Кимевски, Куманово израмни на 11-11, но избраниците на Михаил Петровски имаа подобра завршница и со двата гола на Белистојаноски, од кои вториот во последната секунда, заминаа на пауза со плус два, 14-12.
Битолчани ја најавија победата на стартот на вториот дел, кога имаа серија од четири погодоци за 20-14. Но се опуштија гостите, Кимевски врза неколку одбрани во серија и Куманово на десетина минути до крајот намали на минус два, 22-20.
По тајм-аутот на Петровски, неговите ракометари одново погрешија, но се реваншираа и кумановци, па со голот на Маркоски зголемија на 23-20 и до крајот немаше многу дилеми околу победникот.
Седум гола за победничкиот тим постигна Ненад Белистојаноски, додека по шест пати стрелаа Христијан Митревски и Мирче Калајџиески. Во домашниот состав се истакнаа Зоран Ѓурковиќ со седум и Влатко Тасевски со шест погодоци.