Македонскиот првак Еурофарм Пелистер има негатива од пет гола по првото полувреме на гостувањето кај полскиот Келце, 18-13. Момците на Бранко Ангеловски не беа толку лоши, колку што домаќинот беше добар помогнат од голманот Вулф, кој имаше седум одбрани, наспроти двете на Лесјак и Гедбан.
Битолчани одржуваа рамнотежа до 3-3, пред Борзаш да биде исклучен на две минути, а домашните го искористија тоа и по две одбрани по ред на Вулф, успеаја да се одлепат на плус три, 6-3.
Лесјак имаше само една одбрана, па Гедбан застана на голот по петнаесетина минути игра. Алекс Душебаев лесно постигнуваше погодоци, но и на спротивната страна реализираа Кузмановски и Цехте, па беше 11-8.
Тие двајца имаа и цепелин за 12-9, но атрактивен гол даде и екс вардаровиот десен бек со вртенка во голот на Гедбан за 13-9. Пелистерци во продолжение промашија два напади, па казната стигна преку Карачиќ.
Лошата серија ја прекина Пешевски со два гола за 15-12, но следуваше грешка, па одбрана на Вулф и Келце одново беше на највисоките дотогаш плус пет, 17-12. До крајот на полувремето уште еден гол на двете страни за 18-13 на паузата.