Екипите на Барселона и Веспрем одиграа неизвесен дуел во рамки од 9. коло во групата Б, а бодовите ги освои каталонскиот гигант, откако со голот на Дика Мем победи со 31:30.
На првиот натпревар во оваа сезона триумфираше Веспрем со пет гола разлика, 41:36.
Во текот на сите 60 минути ниту една од двете екипи не успеа да направи исчекор, се играше гол за гол и најчесто резултатот беше нерешен.
Барселона кон крајот на првиот дел од 13:13 замина на 16:13, за момент воспостави контрола и на пауза имаше активен резултат од 17:15.
Сепак, тимот на Момир Илиќ не се предаваше и се врати во игра во второто полувреме, во кое само нијанси одлучуваа каков ќе биде исходот од големото дерби.
На две минути пред крајот беше 30:30, додека Дика Мем пред финишот со својот четврти гол на својот тим му го донесе осмиот сезонски триумф.
Најефикасен во редовите на Барселона беше Алеиш Гомез Абељо со осум погодоци, кај домаќините прв стрелец беше Недим Ремили со два гола помалку, односно шест.