Европската ракометна федерација објави дека жалбата на македонскиот шампион Еурофарм Пелистер за дел од судиските одлуки на мечот со ПИК Сегед е одбиена како неоснована.
Битолчани се жалеа на арбитражата на судиската двојка Гасми од Франција, а меѓу контроверзните судиски одлуки беше и еден непризнат погодок на Борзаш откако топката ја мина гол линијата.
Ракометниот Суд на ЕХФ сепак ја отфрли жалбата како неоснована.
„Жалбата беше поднесена поради неколку судиски одлуки. По внимателна евалуација на наводните контроверзни одлуки, утврдено е дека одлуките се засновани на судиските набљудувања на фактичката состојба во текот на натпреварот. Ваквите одлуки спаѓаат во опсегот на Правните регулативи на ЕХФ, како и Регулативите на Лига на шампиони и ќе се сметаат за конечни одлуки кои не подлежат на никаков протест“, се вели во објаснувањето од ЕХФ.
Еурофарм Пелистер во рок од три дена може да поднесе жалба до Апелациониот суд на ЕХФ, но ниту таму веројатно ништо нема да се промени.