Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер утре го очекува натпреварот од 9 коло во Лигата на шампионите на гостински терен кај полскиот Келце.
Тренерот Бранко Ангеловски вели дека не треба посебна мотивација за натпревар со екипа како Келце.
„Келце има одлични индивидуалци, кои прават една огромна слика на колективна игра, предводени се можеби од најдобриот тренер во светот. Посебна мотивација не треба да имаме за Келце, секој ривал за нас е рамен на европски шампион. Самото тоа што играме и парираме во голем дел од мечот е плус за нас, а во овој момент ни фали нешто што не се купува со пари, тоа е времето. Тоа време ќе донесе искуство за овие играчи, за кои сум сигурен сум дека во следниот период ќе играат на уште повисоко ниво и ќе не радуваат нас, јавноста и сите наши симпатизери“, вели Ангеловски.
Тој смета дека играта на пелистерци ќе зависи како ќе биде отворен мечот.
„Секој натпревар е нова приказна. Треба да бркаме резултат, треба да држиме резултат, а зависи од многу фактори како ќе играме. Очекувам дека Келце ќе биде комплетен и со најсилен ростер. За разлика од Битола, мислам дека ќе играат Алекс Душебаев и Симон Сичко, на голот се враќа и Вулф. Тука се Конку, Морито и Наи на крилата, бекови Даниел Душебаев, Игор Карачиќ, Микал Олејничак, пивотите Каралек и Турна…“, заврши Ангеловски.
Натпреварот меѓу Келце и Еурофарм Пелистер се игра утре во салата „Легионово“ со почеток во 20:45 часот.