Поранешната ракометарка на Вардар, Андреа Лекиќ, на натпреварот против Заглебје од Лигата на шампионите постигна седум погодоци и прослави голем јубилеј.
Србинката, која дресот на „црвено-црните“ го носеше пет сезони, исто толку пати настапи со македонскиот тим и на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите, влезе во клубот „1000“.
Искусниот среден бек сега зад своето име во настапите во Лигата на шампионите има запишано 1.001 гол и сигурно до крајот од сезоната ќе бидат уште повеќе.
Лекиќ во во изјава за ТВ Арена ги истакна своите импресии за постигнувањето на големиот успех во елитата.
,,Сè уште сум мотивиранa од целта со која се будам и легнувам секој ден. Никогаш не размислував за бројот на голови. Меѓутоа, со тек на време сфаќаш дека сакаш да оставиш трага, дека сакаш да те паметат, дека тоа што си го направил, тренирал, да биде нешто зад тебе… Бројот 1000 е фасцинантен и не бев свесна дека можам до тој број до пред две-три недели. Ова е тимска игра и јас се чувствувам одлично”, вели екс вардарката.
Во клубот „1000“ се наоѓа уште една поранешна членка на Вардар. Станува збор за Јованка Радичевиќ. Освен Лекиќ и Радичевиќ, дел од славниот клуб се и Анита Гербиц и Кристина Неагу.