Селекторот на женската сениорска репрезентација на Данска, Јеспер Јенсен, го одреди конечниот список на ракометарки за настап на Светското првенство 2023.
Јенсен на финалниот список стави 18 ракометарки, шест од нив се интернационалки, додека останатите 12 доаѓаат од данскиот шампионат, односно од Есбјерг, Оденсе и Икаст.
Данската селекција на 20 ноември ќе ја одработи последната фаза од подготовките пред настапот на Мундијалот, кој ќе се одржи во периодот од 29 ноември до 17 декември.
Избраничките на Јенсен на 25 и 26 ноември ќе тестираат против репрезентацијата на Бразил, која исто така е учесник на Светското првенство.
Данска заедно со Норвешка и Шведска ќе бидат организатори на Мундијалот, па така Јенсен со неговите избранички ќе имаат високи амбиции, односно ќе посакуваат пласман меѓу најдобрите светски репрезентации.
Репрезентацијата на Данска во првата фаза од Светското првенство за ривали ги има Романија, Србија и Чиле.