Ракометарите на Еурофарм Пелистер во натпревар од 5. коло од Лигата на шампионите беа поразени на гостувањето во Хрватска од Загреб со 27:18. За македонскиот шампион денешниот пораз од Загреб беше петти во европската елита, додека Загреб со освоената победа сега има пет бода на свое конто.
Во првите десетина минути се играше гол за гол, 3-3, а двајцата голмани Мандиќ и Лесјак имаа по две одбрани. Павле Петровиќ го заработи второто исклучување откако претходно промаши контра, а потоа имаше и остар старт.
Промашија Кос и Моралес на два пати, но потоа се реваншираше и Цехте на спротивната страна, па Загреб казни за 4-3 преку Кларица. Во продолжение одново по неколку грешки на двете страни и период без погодоци.
Лесјак им фати еден зицер на домашните, а на спротивната страна по домашното водство од 5-3, македонскиот шампион израмни на 5-5 преку Тајник и Борзаш. Следуваше уште една грешка на Загреб, потоа пелистерци изнудија пенал, кој го реализира Сери за 6-5, предност на пелистерци.
Мандиќ им фати три удари на битолчани, а неговите соиграчи казнија и Загреб вторпат на мечот водеше со два гола, 8-6. Сега беше редот на избраниците на Шоштариќ за грешки, па нововлезениот Костески реализираше, претходно и Петровиќ, и одново беше реми, 8-8.
Беше и 9-9, пред Василев по асистенцијата на Ѓорговски да погоди за 10-9, но домашните израмнија, а немаше време за последен напад на Еурофарм Пелистер и на пауза се замина со 10-10.
Второто полувреме започна со голот на левиот бек Милош Кос, кој ја врати предноста на својот тим, зголеми на 11:10, но битолчани преку Василев бргу израмнија на 11:11. Во 35 минута црвен картон заработи Ненад Костески порадиудар во лицето на Дибиров, па така македонскиот шампион во преостанатите 25 минути од вториот дел беше значително ослабен.
Еурофарм Пелистер ја презеде иницијативата на теренот, до 40 минута на двапати имаше минимална предност (12:11, 13:12), потоа домаќините со серија од 3:0, односно со три гола во низа направија исчекор и дојдоа до 15:13. Малата криза во таборот на македонскиот шампион беше прекината со погодоците на Радивојевиќ и Ѓорговски, па така во 45 минута повторно се врати големата неизвесност.
По нерешените 16:16, домаќините со мини серија се одлепија на 18:16. Во тој момент црвен картон заработи и босанскиот интернационалец Павле Петровиќ. Тоа беше голем хендикеп за составот на Александар Јовиќ, а домашниот табор ја искористи ситуацијата со играч повеќе и со голот на Кларица во 48 минута ги постави дотогаш највисоките плус три, 19:16.
Пелистерци попуштија кога требаше најмногу, дозволија домаќинот да влезе во ритам и беа во невозможна мисија за камбек во дуелот. Загреб со одличниот Кларица успеа целосно да го надигра битолскиот тим во последните десет минути и да се израдува на втората сезонска победа во европската елита.