Ракометарите на Загреб во натпревар од 5. коло од Лигата на шампионите за ривал го имаат Еурофарм Пелистер.
Најтрофејниот хрватски клуб со евентуална победа над битолчани ќе ги зголеми шансите за пласман во следната фаза од европската елита.
Младиот член на Загреб, Милош Кос, кој беше херој на „плинарите“ во претходното коло, откако погоди за реми против Алборг, истакна дека нема да биде лесно со битолскиот тим.
,,За секој ривал се подготвуваме различно. Секако дека и Еурофарм Пелистер има свои квалитети на кои ќе се базираме. Она што е сигурно е дека нема лесни натпревари во Лигата на шампионите, а ние сме подготвени да запнеме и да покажеме дека сме на добар пат да ја продолжиме нашата добра серија. Мислам дека позитивните работи започнаа од Париз, некои работи се средија и се надевам дека ќе продолжиме да напредуваме. Сакаме да бидеме опасни за сите”, изјави Кос за „Спортске Новости“.
Загреб во досегашниот тек од сезоната оствари една победи и едно реми, додека македонскиот шампион сѐ уште е без бодови во најквалитетното европско натпреварување.
Натпреварот меѓу Загреб и Еурофарм Пелистер се игра в четврток, на 19 октомври со почеток во 18:45 часот.