Извршниот директор на Вардар, Борко Ристовски, во интервју за клупскиот сајт на „црвено-црниот“ тим, откри дека ќе се бараат судии од странство ако нема фер услови за играње.
Легендарниот голман, кој сега е во поинаква улога, вели дека кога од трибини се гледа натпреварот полесно се забележуваат грешките на официјалните лица.
„Од оваа страна е потешко, бидејќи не можете директно да влијате од трибините. Струмица ми беше прв Супер Куп како директор, и доста стресно го доживеав тоа, па и целиот клуб. Судењето секогаш било главна тема, табу тема, и никој никогаш не сакал јавно да зборува. Но, напротив за се треба да се разговара, да се укаже, да се превенира, да се подобри. И во Струга и во Струмица имавме судење од иста судиска двојка, едни од најдобрите во Македонија. Донекаде можам да разберам да се има притисок, да се чувствува важноста на натпреварот, па и да се прават грешки, како што тоа беше во и во Струга и во Струмица. Но, не можам да разберам да се носат одлуки за кои цела сала може да види дека се на штета на Вардар, или пак на другиот тим, и да не се превземе ништо да се променат тие работи. Нормално е да се греши, но и да се еволуира и на следниот меч да има помалку грешки“, смета Ристовски.
Тој посакува судењето да се подобри, генерално за сите, но ако не биде тоа случај, Вардар ќе бара судии од странство за дерби натпреварите.
„Нам ни останува само да се надеваме дека делот со судењето ќе се подобри, генерално за сите. Не бараме судење во ничија корист, туку едноставно – чесност и 50-50, па нека победи подобриот. Се залагаме за фер-плеј на теренот и надвор од него. Во крајна мера, ако не се подобри ситуацијата и ако се продолжи со правењето сопки, и има разни игри околу Вардар, кои можеби во минатите години успевале, сега ако не се поправи стуацијата ќе бараме и судии од странство за дерби средбите, за да се добие на чесноста и да нема влијание од различни страни. Треба на терен да ја мериме силата“, смета Ристовски.
Вардарци стартуваа со тешка победа над Бутел Скопје во Супер лигата, а сега ги чека големото дерби против Еурофарм Пелистер в недела во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 19:45 часот.
Ристовски порача: Нема да дозволиме било какви игри околу Вардар!