Екипата на Кил се наоѓа пред пласман во четвртфиналето во Лигата на шампионите по убедливиот триумф на првиот меч со Динамо Букурешт од 41:28.
Избраниците на Филип Јиха, на реванш дуелот, кој ќе биде одигран на 29 март, ќе имаат залиха од 13 гола и ќе можат да одиграат мирен натпревар, па да си дозволат и мал луксуз.
Динамо Букурешт во дуелот со ,,зебрите” издржа до 10 минута и на бундеслигашот му парираше до 5:5. Кил од средината на првото полувреме влезе во брзина и целосно го надигра домаќинот.
Тимот на Јиха со неколку мини серии постојано одржуваше резултатска контрола, додека домаќинот не можеше да го запре налетот на гостите, кои речиси ја казнуваа секоја грешка на ривалот и ја зголемуваа разликата во своја корист.
Избраниците на Чави Пасквал пред финишот од првото полувреме влегоа во уште поголема криза, па така Кил со лесни погодоци стигна до убедливо водство на полувреме од 19:11.
Ниту во вториот дел не дојде до израз квалитетот на Динамо Букурешт и најчесто погодоците на домашниот тим беа преку индивидуални акции. Водството на Кил по десет минути игра во вториот дел беше двоцифрено, односно 27:17.
Гостите рутински ги одработија последните дваесетина минути и не му дадоа многу шанси на ривалот. Веќе при водство на Кил од 33:20 во 48 минута, стана јасно дека романскиот шампион не може да ја преполови негативата и да го избегне катастрофалниот пораз, со кој веќе е елиминиран од елитното натпреварување.