Еден од дебитантите во Првата лига, тимот на Мулти Есенс регуларниот дел од прволигашката конкуренција го заврши со 100% учинок, оствари 16 победи од 16 натпревари и од првото место влегува во плеј-оф фазата.
Во последното коло, новиот дебитант меѓу прволигашите славеше убедлива победа против Јехона со 46:25 (24:11).
Во нерамноправен дуел, кој беше одигран во Автокоманда, ракометарите на Ангеловски доминираа во текот на сите 60 минути.
Гостинот од Гостивар издржа само во воведниот дел, пружи отпор до 2:2, додека во остатокот од натпреварот следуваа низа погодоци на домаќинот.
Листата на стрелци кај Мулти Есенс беше предводена од Димитар Узунчев со девет и Дарин Омерагиќ со седум погодоци.
Кај Јехона најрасположен беше Мојсие Тасески со 13 погодоци, додека втор стрелец беше младиот Алтин Селмани со пет погодоци.