Ракометниот гигант Веспрем со нова победа го одржи чекорот со Магдебург за последното место кое води директно во четвртфиналето од Лигата на шампионите. Унгарците пред домашната публика го совладаа португалскиот првак Порто со 32-30 (15-16).
Македонскиот репрезентативец Никола Митревски ги одигра последните пет минути од дуелот,кога Порто заостануваше три голови, му помогна на својот тим да намали на два гола разлика, но немаше доволно време за пресврт, а искусните Унгарци и расположениот голман Коралес знаеја како да ја осигураат победата.
По воведната предност на гостите од Португалија, Веспрем ја презема контролата над резултатот и низ средина на првиот дел дојде до највисоки „плус пет“ (10-5,18′). Кога се чинеше дека унгарскиот првак веќе ја заврши својата работа, Порто го искористи финишот на првиот дел комплетно да се врати во дуелот. Промашените обиди на Веспрем и добрите интервенции на голманот на Порто, Франдсен ја вратија неизвесноста на овој дуел. По првите триесет минути домашните ракометари имаа само гол предност, при резултат 15-16.
Она што го започна на крајот на полувремето, Порто го продолжи на почетокот на второто. Затоа три минути по паузата, португалскиот првак веќе имаше предност. Во период кога резултатската нишалка секој промашен, одбранет удар или грешка ја менуваше рамнотежата на теренот Веспрем имаше можност да се врати на безбедна предност од два гола, но не искористи неколку шанси за тоа. На спротивната страна Порто со брзи решенија го одржуваше резултатот израмнет. Како и во првиот дел, во средината на второто полувреме Веспрем повторно изгради солидна предност од три голови. Разлика која унгарскиот гигант предводен од расположениот египетски бек Јахја Елдера знаеше како да ја задржи. По шеесет одиграни минути Веспрем победи со конечни 32-30.
Јахја Елдера постигна 12, а Лауге Шмит 6 голови за составот на Веспрем. Кај Порто Ареиа постигна 6 голови, Итуриза и Салина го следеа со по 5 голови.