Ракометната федерација на Турција преку соопштение информираше дека Суперлигата во машка конкуренција ќе го носи името на капитенот на репрезентацијата Џемал Кутахја, кој трагично го загуби животот во катастрофалниот земјотрес во Антакија.
Искусниот ракометар на 13 февруари, седум дена по земјотресот, беше пронајден мртов под урнатините со неговиот петгодишен син Џанер.
Довчерашниот член на Хатајспор за време на земјотресот освен со неговиот син бил заедно и со неговата бремена сопруга Пелин, за која сѐ уште нема никакви информации.
Кутахја беше еден од носителите во турската репрезентација и во негова чест, ракометната куќа на Турција одлучи Суперлигата во остатокот од натпреварувачката сезона 2022/23 да го носи неговото име.
На 6 февруари земјотрес со јачина од 7,8 степени ги погоди Турција и Сирија.