Прв ривал на Македонија во Президент Купот во разигрувањето за пласман од 25 до 32 место во Плоцк ќе биде селекцијата на Алжир.
Станува збор за репрезентација која како петтопласирана на Африканското првенство обезбеди мундијалски билет, а првата рунда на СП ја заврши со убедливи порази од Србија, Германија и Катар.
Предводник е екс голманот на Вардар, Калифа Гедбан, кој досега на турнирот одбрани 15 шута со 23% успешност, а најопасни стрелци се Ајуб Абди и Дауд Хишем.
Абди е лев бек кој настапува во францускиот Тулуз и на три меча даде 14 гола, додека Хишем игра на истата позиција и постигна 11 погодоци, а настапува исто така во Франција, во Лимож. Меѓу подобрите се издвојуваат и пивотот на Дижон, Жан Бастијан Кермуш, како и средниот бек Нори Беналим од францускиот Нанси.
Алжир досега има настапувано 15 пати на Светските првенства, а најголемо достигнување е 13 место на СП 2001 година, додека минатиот Мундијал во Египет завршија на 22 место, само едно погоре од Македонија која беше 23 на тоа СП.
Натпреварот меѓу Македонија и Алжир се игра денеска во „Орлен Арена“ во Плоцк со почеток во 15:30 часот.