Репрезентацијата на Шпанија постигна убедлива победа 31:20 (16:10) против Аргентина на последниот натпревар од меморијалниот турнир „Доминго Барценас“ во Бенидром. Самиот натпревар до средината на првиот дел беше изедначен 9:9, а потоа во финишот на првото полувреме „црвената фурија“ направи серија од 7-1 за прво повисоко водство. Аргентинците на почетокот на вториот дел намалија со серија од 3-0. Но, Шпанија повторно влезе во ритам и во 52.минута имаше и двоцифрено водство + 10 (26:16) и запишаа убедлива победа.
Со овој пораз ривалот на Македонија од групата на Мундијалот, Аргентина турнирот го заврши со една победа (Бахреин) и два порази (Романија и Шпанија).
Франција забележа минимална победа во последната контрола пред Мундијалот. Совладан беше Египет со 33:32 (17:15). „Триколорите“ се намачија за да дојдат до триумф против незгодниот ривал.
На првиот натпревар од денешната програма на турнирот во Швајцарија, репрезентацијата на Австрија убедливо со 39:30 го совлада тимот на Јапонија. Австрискиот состав предноста ја стекна во вториот дел откако на полувреме беше 17:17. За Австрија ова беше втора победа на турнирот (вчера против Зеленортските острови).
Вечерва се игра вториот дуел од 2. коло меѓу домаќинот Швајцарија и Зеленортските острови. Утре се играат натпреварите од третото коло.