Ракометарите на Металург РА во натпревар од 11. коло од Првата лига немаа поголеми проблеми против тимот на Партизан од Гевгелија и забележаа победа, со резултат 39:31 (18:14), во натпревар од групата Б.
Избраниците на Миле Бочкаровски со денешната победа, која беше петти триумф сезонава, се позиционираа на 4. позиција на табелата со 15 бода.
Домашниот тим уште во воведниот дел му даде до знаење на противникот дека ќе има тежок предизвик во денешниот дуел во Автокоманда. Металург РА по десет минути игра имаше резултатска предност од 8:1, воспостави свое темпо и имаше повеќе од играта во првите 15 минути.
Партизан парираше колку што можеше и на моменти покажуваше квалитет и желба за надигрување. Во последниот период од првото полувреме дојде до мало опуштање во редовите на домаќинот. Откако Металург РА имаше предност од 13:9, гостите фатија приклучок, намалија на 13:12, но домашниот тим возврати со иста мера, направи серија од 3:0, се одлепи на 16:13 и на пауза замина со активен резултат од 18:14.
Во второто полувреме дојде до израз малиот број на играчи во ротација на гостите што на Металург РА му овозможи без многу проблеми да стигне до победата. Тимот на Бочкаровски во најголемиот дел од вторите 30 минути одржуваше предност од пет до шест гола разлика и во ниту еден момент не дозволи Партизан да се закани и да го загрози водството.
Најефикасен во победничката екипа беше незапирливиот Дамјан Наумовски, кој постигна 14 погодоци. Листата на стрелци во поразениот табор беше предводена од Горан Лисичков со 10 реализации.