Екипата на Целје пред својата публика успеа да триумфира против еден од фаворитите за освојување на титулата во новата сезона во Лигата на шампионите, тимот на Кил, со резултат 38:36, во натпревар од 2. коло од групата Б.
Избраниците на Филип Јиха натпреварот го отворија според зацртаната цел и со погодоците на Рајнкинд и Јохансон дојдоа до водство од 2:0. Ракометарите на Целје дадоја сѐ од себе за да можат да му парираат на еден од најдобрите клубови во Европа и во последните десет минути од првиот дел целосно ги надиграа „зебрите“. Во воведниот дел од првото полувреме, по водството на Кил од 3:1, домаќините со два гола во низа го израмнија резултатот на 3:3 и не му дозволуваа на гостинот многу лесно да се одлепи или да замине на поголема резултатска предност.
Кил во еден момент дојде и до четири гола разлика, 8:4, но домаќините со одличниот голман Габершек, како и со разиграниот Влах, го израмни резултатот на 8:8 во 15-та минута. Следуваше период, во кој се играше гол за гол, а по нерешениот резултат од 10:10, избраниците на Тоскиќ во 20-та минута за првпат поведоа на натпреварот со 11:10 и до крајот на првото полувреме целосно го надиграа моќниот Кил. По 30 минути игра резултатот беше 17:14 за Целје.
Словенечкиот шампион за неколку минути игра во вториот дел со погодоците на Иванковиќ и Маргуч дојде до највисокото водство од плус шест, 20:14. По водството на Целје од 21:15, избраниците на Јиха со два гола намалија на 21:17 и мораа да ја подобрат играта, со цел да фатат приклучок и да се борат за освојување на бодовите. Како што одминуваше времето „зебрите“ фаќаа ритам, а домашната екипа се уште имаше активен резултат.
Целје на петнаесетина минути пред крајот имаше предност од 27:23. Кил се обидуваше да дојде до помала резултатска негатива, но секоја акција за било какво приближување завршуваше без успех. Во последните десет минути немаше промена на резултатот. Целје не дозволи да има никаков пресврт и рутински ја заврши задачата до самиот крај.
Најефикасен во победничката екипа беше Алекс Влах со десет погодоци. Голманот на Целје, Гал Габершек забележа 13 интервенции. Кај Кил најрасположен за игра беше Патрик Винчек, кој ги предводеше стрелците со десет гола.