По заминувањето на Горан Кузманоски од тренерската позиција на Прилеп, раководството на клубот беше во потрага по нов тренер, а одлуката падна на Реваз Чантурија, кој во прилепскиот тим ќе има двојна улога, ќе биде тренер и играч.
Искусното десно крило претходно беше и помошник на Горан Кузманоски, кој реши следната сезона да го предводи составот на Скопје.
Изборот на Чантурија како нов тренер на прилепскиот тим воопшто не е за изненадување, бидејќи како играч остави голема трага во прилепскиот ракомет.
Грузиецот со македонски пасош во македонскиот шампионат настапува веќе 18 години. Освен за Прилеп, играше и за екипите на Металург, Струга, Вардар, МАКС Струмица и Пелистер.
Од играчкиот кадар тимот го напуштија Даниел Андоновски, Хазеин Рустамов и Зураб Цинцадзе (сите тројца во Охрид), Марко Трајковски (Голден Арт) и Хари Павлов (Холабрун).
Прилепчани во следната сезона ќе бидат дел од групата А заедно со Вардар Неготино, Струга, Вардар, Бутел Скопје, Алкалоид, Охрид и Куманово.