Репрезентацијата на Македонија утре ја очекува бараж натпреварот против Романија кој го играме во Скопје.
Во двомечот Македонија влегува со фаворитска улога, но според изјавите во претходните денови и Романците со голем оптимизам влегуваат во натпреварот. Еден од најискусните во нашите редови Филип Миркуловску очекува два тешки натпревари.
„Во кариерата сум одиграл мал милион баражи и квалификации. Романија е релативно познат противник игравме 2018 за бараж на Светското првенство. Мислам дека се работи за еден коректен противник имаат доста големи амбиции, нас ни се падна најтешкиот противник од сите кои можевме да ги добиеме. Но, сепак ние и во овој двомеч сме фаворити. Очекувам два тешки натпревари утре ќе биде поважниот за нас затоа што е пред наша публика, ќе се обидеме со што подобра предност да отпатуваме во Букурешт“.
Очекува голема поддршка од публиката.
„Конечно после две ипол години ќе играме скоро пред полна сала, се надевам ќе дојдат голем број гледачи. Потребна ни е таа поддршка после лошото Европско првенство, сите сакаме да се покажеме во подобро светло“, изјави Миркуловски.
По овој натпревар во Скопје за два дена не очекува реванш на гостински терен во Букурешт. Утрешниот натпревар се игра во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток од 19:00 часот.