Репрезентацијата на Австрија успеа да ја оствари првата победа во главната фаза на Муднијалот во Шпанија откако обезбеди лесен триумф против Хрватска со резултат 27:23. Со остварената победа, Австрија се избори за 5. позиција на табелата во Групата 4.
Ракометарките на Хрватска беа рамноправен противник само во воведните минути кога имаа водство од еден гол разлика. По нерешените 2:2, следуваше катастрофална игра на избраничките на Ненад Шоштариќ, кои никако не можеа да го најдат патот до мрежата на противничкиот гол. Австрија направи серија од 5:0, се одлепи на 7:2 и до крајот на првото полувреме имаше целосна контрола на играта. Големиот број на технички грешки и промашени удари од страна на Хрватска беа доволни за висока предност на Австрија од 15:10 на полувреме.
Хрватска во второто полувреме стигна до минус четири негатива, 12:16, и имаше шанса да се врати во игра, но репрезентацијата на Австрија постигна три гола во низа за 19:12. Тука беше ставен крајот на сите надежи на Хрватска и до самиот крај, Австрија рутински ја контролираше изградената предност.
Во борба за 3. место во Групата 3, Унгарија беше убедлива против Јужна Кореја со 35:27. На полувреме, Унгарија имаше плус три гола предност, 18:15. Веќе во вториот дел при водство од 26:18 за Унгарија, јасно беше дека избраничките на Владимир Головин ќе завршат на третото место во својата група.