Шпанија и Данска без грешка, го потврдија мундијалското четврт-финале

Домаќинот на Светското првенство, репрезентацијата на Шпанија обезбеди пласман во четврт-финалето откако во 4. коло од главната фаза ја совлада Хрватска со 27:23. Шпанија имаше целосна контрола на натпреварот и сигурно стигна до триумф.

Уште во почетната фаза на мечот репрезентативките на Шпанија направија предност од три гола која сигурно ја чуваа. На полувреме беше 12:9, а во продолжението постојано беше три или четири разлика. Хрватките во неколку наврати имаа шанса да стигнат до минус два и да го направат натпреварот поинтересен, но не успеаја и на крајот беа поразени.

Најефиксна во победничкиот тим беше Александрина Кабрал Саброса со шест гола, додека по четири гола постигнаа Еспинола, Кармен Мартин и Кампос. Во тимот на Хрватска најефикасна беше Валентина Блажевиќ со седум гола.

Данска одигра уште еден одличен натпревар и ја декласираше Чешка со 29:14 за пласман во четврт-финалето на Светското првенство. Репрезентативките на Данска беа доминантни на овој дуел после воведните минути кога предноста беше на страна на Чешка.

До полувремето Данска го презема водството и на паузата водеше 12:9, а во второ полувреме играше добро во одбрана и на противничките им дозволи да постигнат само пет гола за убедлив триумф.

Најефикасна во тимот на Данска беше Ема Фрис со четири гола, а по три постигнаа Петерсен, Хеиндал и Хаугстед. Во составот на Чешка прв стрелец беше Сара Коварова со четири погодоци.