Хрватките „покосени“ од корона, сензационално загубија од Јапонија

Заврши прелиминарната рунда во групите Е, Ф, Г и Х, па познати се сите 12 патници во главната рунда.

Селекцијата на Хрватска претходно го обезбеди пласманот во следната фаза, а по поразот од Јапонија 26-28 нема да пренесат ниту еден бод. Хрватките се соочија со големи проблеми пред мечот, откако позитивни на коронавирус беа три ракометарки – Мичијевиќ, Крсник и Дежиќ, па селекторот Шоштариќ имаше на располагање само десет играчи во поле и три голманки.

Азискиот ривал диктираше темпо во првиот дел, најчесто водеше со еден до два гола разлика, но до паузата Хрватска стигна до реми. Во второто полувреме преку Калаус и Посавец стигна до 23-20, но тогаш следуваше голем пад.

Јапонките иако грешеа често, сепак напрвија пресврт и поведоа со 24-25 на пет минути до крајот. Шоштариќ повика тајм-аут да ги смири неговите избраничките, но тоа не донесе резултат, следуваа две технички грешки, па Јапонија веќе беше на плус два, 24-26. Не одеше ништо во нападот и до финишт азискиот тим ја сочува разликата.

Лариса Калаус со шест гола и шест асистенции беше единствената расположена за игра во Хрватска, а слаб учинок имаа хрватските голманки со само три одбрани.

Данска и Шпанија забележаа нови убедливи победи и со максимални четири бода одат во главата рунда, додека интересно беше и на дуелот меѓу Германија и Унгарија, кој го добија Германките со еден гол разлика.

Пласман во главната рунда обезбедија Хрватска, Јапонија, Бразил, Германија, Унгарија, Чешка, Данска, Јужна Кореја, Конго, Шпанија, Аргентина и Австрија.

Светско првенство, 3 коло, резултати:

Хрватска – Јапонија 26-28
Германија – Унгарија 25-24
Данска – Јужна Кореја 35-23
Шпанија – Австрија 31-19