Бронзената селекција од претходното ЕП, Хрватска, имаше лош старт на Мундијалот во Шпанија. Избраничките на Ненад Шоштариќ загубија од јужноамериканскиот шампион Бразил со 25-30.
Во првиот дел, „кралиците на шокот“ парираа колку-толку, а Валентина Блажевиќ ги одржуваше на негатива од еден до два гола разлика. Во финишот на полувремето Бразил стигна до плус четири, 10-14, а на пауза се замина со највисоки шест гола разлика, 12-18.
На стартот на вториот дел, по двете одбрани на Капитановиќ, Хрватска за момент се врати во игра преку Јежиќ и Шимара намали на 14-18. Но Бразилките набрзина возвратија со три гола во серија за 14-21 и до крајот не ја испуштија предноста. Хрватките се бореа со сите сили, но техничките грешки само се зголемуваа и Бразил без мака оствари важна победа.
Најдобри стрелци кај Хрватска беа Блажевиќ со седум и Мичијевиќ со шест гола, додека кај Бразил се истакнаа Де Паула со седум, како и Бело и Араухо со по четири погодоци.
На другите натпревари беа постигнати главно очекувани резултати и сите фаворити. Австрија и покрај тоа што во ростерот имаше само 12 ракометарки (сите останати што се во Шпанија имаа позитивни тестови) славеше над Кина, а победи забележаа и Германија и Јужна Кореја.
Светско првенство, 1 коло, резултати:
Австрија – Кина 38-27
Хрватска – Бразил 25-30
Германија – Чешка 31-21
Јужна Кореја – Конго 37-23