Боризовска расположена за голови, Умаг убедлив против Трогир

Македонската репрезентативка Александра Боризовска и нејзиниот тим Умаг во натпревар од 4. коло од шампионатот на Хрватска беа убедливи против Трогир со 35:24.

Победата над Трогир беше трета за ракометарките на Умаг во новата сезона. Во досегашниот тек од домашното натпреварување, Умаг доживеа пораз само од Сплит.

Екипата на Трогир која е дебитант во најквалитетното натпреварување во Хрватска, уште од самиот почеток на натпреварот беше во голема негатива. Победникот веќе формално беше решен при водство на Умаг од 10:3.

Боризовска натпреварот го заврши како втор стрелец во својата екипа со шест погодоци. Нејзината колешка, Наташа Миочиновиќ беше најефикасна на натпреварот со девет погодоци.

Умаг во следното коло за противник ја има незгодната екипа од Дуго Село. На табелата, лидер е Локомотива Загреб, додека на второто место се наоѓа Подравка. Екипата на Боризовска со шест освоени бодови моментално е на третото место.