Натпреварите од четвртфиналето на Светското првенство во Египет беа многу интересни, а особено двата дуели кои беа решени после продолженија и пенали.
Тренерот на Келце, Талант Душебаев за рускиот handballfast.com прави експертски анализи за СП. Тој ги анализираше четвртфиналните дуели каде што особено се осврна на правилото во последните 30 секунди на натпреварите кое беше применето на дуелот Данска – Египет.
„Правилот во последните 30 секунди според мене е едноставно прекрасно. Исклучувањата и црвените картони за неспортски потези во одлучувачките моменти се многу фер. Ова правило за разлика од правилото за напад 7 на 6 го штити духот на играта. Според старите правила Хансен со фрлањето на топката ќе го решеше натправарот, но со овие правила не му помина тоа и беше казнет. Иако тој подоцна рече дека не го слушнал свирчето, сите видовме што стори, а и тој тоа добро го знае“, коментираше Душебаев.
На натпреварот помеѓу Данска и Египет судиите во два случаи го применија ова правило и го исклучија Хансен бидејќи ја фрли топката после судискиот свиреж на неколку секунди до крај на регуларните 60 минути. Исто така и на крајот на вторите продолженија Елмасри беше исклучен и беше досуден пенал затоа што не дозволи противникот да изведе удар од девет метри на неколку секунди до крајот.