Селекцијата на Шведска игра неверојатно на првенството во Египет и со уште една победа успеа да стигне до пласман во полуфиналето откако денеска имаше повеќе од лесна задача против Катар, а најдобар доказ е резултатот од 35:23.
Шведска и Катар имаа интересни десетина минути во кои имаше надигрување. И едниот и другиот тим покажаа добра игра и успеаја да се претстават на завидно ниво. Сепак, откако на средината на првото полувреме дојде до нерешени 8:8 работите почнаа да се менуваат. Селекцијата на Шведска ја презеде играта под контрола и успеа да дојде до предност која на крајот од првото полуврме изнесуваше 14:10.
Оваа позитива за Шведска беше само мотив плус за продолжението. Катар веќе го загуби чекорот со расположените Швеѓани, па како одминуваше времето така стануваше јасно дека селекцијата на Катар нема да има шанси да се врати.
Репрезентативците на Шведска од минута во минута го зголемуваа водството. Рано стигнаа до двоцифрена предност така што немаше простор за да се направи нешто повеќе на овој дуел. Катарците рано се предадоа, а и без искусниот Шариќ, кој денеска не беше на голот не ни можеа да се надеваат на нешто повеќе, па Валеро Ривера и момците мораа да потпишат капитулација.
Селекцијата на Шведска потврди дека го игра можеби најдобриот ракомет на овој Мундијал и ќе има можност да се бори за ново финале на Светските првенства. Со оглед на тоа што пред 22 години беше освоена последната титула на Мундијалите и тоа на истиот терен во Египет ова може да биде убав предзнак за атак на титулата и на овој шампионат.