Меѓународната ракометна федерација објави соопштение во кое ги презентираше наодите од истрагата што ја направи после жалбите на Словенија за затруени играчи откако беа елиминирани од првенството.
И покрај тоа што не беше поднесена официјална жалба од Словенците ниту на денот на одигрување на натпреварот, ниту следниот, ИХФ отвори истрага и побара од надлежните институции да го истражат случајот. Владиното тело за контрола на квалитеот на храната имаше задача да истражи дали навистина имало труење.
ИХФ испрати официјано писмо до Ракометната федерација на Словенија во кое ги образложи наодите на извештајот добиен од Министерството за здравство на Египет за случајот со труење. Вечерта по натпреварот со Египет еден ракометар на Словенија се пријавил во амбулантата на хотелот со проблеми во стомакот и дијареа. Според неговата изјава тоа било првпат да има такви проблеми и тој добил соодветни лекови.
Потоа лекарот во амбулантата го примил претставникот на федерацијата на Словенија кој тврдел дека 14 ракометари имале слични проблеми како и играчи од другите репрезентации. Тој тврдел дека се работи за труење со храна. Лекарот и комисијата на Министерството за здравство побарале играчите да бидат прегледани и да се утврди причината што било одбиено од лекарскиот тим на Словенија.
Исто така на Словенците им било понудено ракометарите да бидат префрлени во болница, што повторно било одбиено. Лекарската помош која била понудена, вклучително и сите лекови биле одбиени од лекарскиот тим на Словенија.
ИХФ не добил никаква официјална жалба за храната која се служи во текот на првенството. Исто така репрезентацијата на Белорусија беше сместена во истиот хотел со Словенија и го делеа истиот ресторан, но за разлика од Словенците никој од белоруската делегација не се пожали на слични проблеми. Денот кога Словенците се жалат дека јаделе храна од која добиле труење во хотелот, исто така и Белорусите јаделе од истата храна без последици.