Се огласи и Парондо: Обвинувањата на Словенците се глупост – освен храна, нарачувале и пиво

Откако Словенците ги обвинија организаторите за сомнително труење пред одлучувачкиот дуел со Египет за пласман во четвртфиналето се отворија многу полемики во јавноста.

Данците тврдеа дека Словенците сами се виновни за тоа што им се случи бидејќи самите си нарачувале храна надвор од хотелот. На нив се надоврза и селекторот на Египет, Роберто Парондо кој обвинувањата ги нарече глупост.

„Хотелот започна истрага како се случило труењето, тие открија дека Словенците пред натпрeварот со Египет нарачувале пица и друга храна од надвор. Исто така истрагата покажала дека некој од словенечкиот тим, официјалните лица или ракометарите нарачале повеќе од 20 пива. Обвинувањата на Словенците се глупост. Не гледам проблем со нарачување на храна, но доколку обвинувате треба да бидете чисти“, изјави Парондо за ТВ 2 СПОРТ.

Словенците беа елиминирани со нерешениот исход против Египет иако во текот на натпреварот имаа и пет гола предност. Домаќините на Светското првенство во четвртфиналето ќе се сретнат со Данска.