Последниот натпревар во група II го даде последниот патник во четвртфиналето на Светското првенство во Египет. Катар благодарение на победата против Аргентина и поразот на Хрватска го продолжува престојот во Каиро. Азискиот шампион ќе ја бара полуфиналната виза против Шведска.
Данска која уште пред овој дуел ја имаше обезбедено првата позиција ја понижи селекцијата на Хрватска предводена од Лино Червар и со конечен резултат 38-26 и големи 10 бодови во својата група ја најави кандидатурата за одбрана на титулата.
Првото полувреме донесе многу возбудувања и пресврт. Хрватска го отвори дуелот со два гола предност, разлика која имаа шанси да ја зголемат на три, но Ландин и промашените удари им овозможија на Данците комплетно да се вратат во дуелот. Во средина на првиот дел Данска го презема водството, а улогите на теренот се променија. Исто како и Хрватска и Данска имаше шанси да обезбеди највисока предност од три голови, но ниту актуелните светски прваци не успеаа да обезбедат сигурна предност. Затоа по крајот на триесетте минути Данска имаше предност од 17-15. Момент кој го одбележа првиот дел беше повредата на одличниот голман Ландин во средина на полувремето, но за селекторот Јакобсен имаше достојана замена во Милер.
Данците го отворија вториот дел на високо ниво, а добрата игра ги одведе до пет гола предност. Милер одбрани еден чист обид за гол на Хорват, а промашувањата на хрватскиот напад беа веднаш казнети на спротивната страна. Ниту тајм -аутот на Червар не промени многу, повторно две грешки во нападот на коцкестите и одлична транзиција на данските ракометари за два погодени пенали, и еден зицер на празен гол за осум голови разлика во 38. минута.
Во средина на вториот дел Хрватите веќе се предадоа, единствено Карачиќ беше расположен, недоволно за враќање во игра на овој дуел. Разликата од високи девет голови значеше елиминација за европските вицепрваци. Но Данска продолжи да го понижува својот противник, првата двоцифрена предност ја достигнаа во 42 минута, имаа и четиринаесет голови предност, а разликата до крајот на дуелот заврши на „плус дванаесет“ или 38-26.