Репрезентацијата на Шпанија ја потврди доминацијата во својата група и со убедлив триумф против Унгарија од 36:28 ја потврди првата позиција и пласманот во четврт-финалето.
Селекторот на Унгарија одлучи да настапи без најдобрите играчи и да ги сочува за нокаут фазата, а тоа значеше сигурен пораз против Шпанците. Шпанија имаше целосна контрола на натпреварот од почеток од крај. Отворија со 4:1, а веќе во 9. минута беше 7:2.
Следуваше добар период на Унгарија во кој со серија од пет гола успеаја да израмнат. Сепак, во продолжение на првиот дел Шпанците продолжија со својата доминација, играа брзо и ефикасно и на полувреме обезбедија седум предност, 21:14.
Второто полувреме продолжи во ист ритам. Разликата во корист на Шпанија постојано се зголемуваше и многу брзо достигна двоцифрена разлика кога беше 28:16. До крајот на натпреварот дојде до опуштање кај репрезентативците на Шпанија што Унграците го искористија да го ублажат поразот.
Уште пред овој натпревар двете репрезетнации имаа обезбедено пласман во четврт-финалето. Воедно ги знаеја и противниците односно можните ривали, па на тој начин можеа да тактизираат. Со оглед на тоа што ова беше дуел кој требаше да одлучува за првата позиција, јасно беше кој за што се одлучи.
Во четврт-финалето в среда Шпанија ќе се соочи со селекцијата на Норвешка, додека составот на Унгарија за ривал ќе ја има Франција.