Селекцијата на Хрватска во претпоследниот натпревар од својата група беше поразена од Аргентина со резултат 23:19. Еден од поискусните ракометари во хрватската репрезентација, Игор Карачиќ, за домашната ТВ, РТЛ, изјави дека натпреварот со Аргентина е веќе минато и дека сите сили се насочени за денешниот дуел против Данска.
„Пребродивме милион ситуации, се случувало ова и на претходните првенства. На ваков мундијал со многу натпревари немате многу време да ги анализирате грешките. После натпреварот со Аргентина имавме 2 до 3 часа да видиме каде може да се подобриме за дуелот со Данска”, изјави Карачиќ за РТЛ.
После шокот од Аргентина, Хрватите имале состанок на кој се разговарало за причините за поразот и стратегијата против Данска.
„На состанокот се договоривме дека не треба да правиме вакви катастрофални грешки на натпреварот. Гледам дека многумина вината за поразот ја насочуваат на нашиот селектор, но тоа не е така. Во некои моменти имаше и некоја конфунзија во нашата игра и мислам дека бевме исплашени во еден период од натпреварот. Она што јавноста не треба да ја загрижува е дека имаме позитивна атмосфера во нашиот тим и ќе извлечеме поука од поразот“, вели Карачиќ.
Веднаш после поразот од Аргентина, Лино Червар за медиумите изјави дека поднесува оставка и после мундијалот Хрватите треба да си бараат нов селектор. Карачиќ не сакаше да ја коментира одлуката, но го поддржа неговиот селектор во својата работа.
„Не би ги коментирал таквите работи. Ако селекторот така кажал, тоа е негова одлука. Ни остана натпреварот со Данска и ќе дадеме се од себе да направиме што подобар резултат на натпреварот. Селекторот беше присутен на состаноците и останува до самиот крај на првенството. Тоа што ќе се случува после првенството е меѓу селекторот и федерацијата. Ќе останеме сите до последната свирка на теренот, можам да кажам дека атмосферата е позитивна во нашиот тим и го заборавивме поразот од Аргентина. За нас селекторот е светост, ѕвезда водилка, секогаш мора да постои некој што ќе не води и што ќе биде лидер”, заврши Карачиќ.
Денешниот натпревар помеѓу Данска и Хрватска е на програмата со почеток од 20:30ч. На Хрватите им е потребна победа за влез во четвртфинале, но и пораз на Аргентина во дуелот против Катар.