Репрезентацијата на Германија немаше најдобро издание на Светското првенство во Египет и после поразите од Унгарија и Шпанија ги загуби шансите за пласман во нокаут фазата и четврт-финалето. Иако со мнoгу откажувања Германија се очекуваше да ја помине групната фаза.
На Германците им претстои дуел со Полска во последното коло кој нема големо резултатско значење и ќе го одлучи освојувачот на 3. место во групата. Поранешниот репрезентативец Маркус Баур ги критикуваше првите ѕвезди Андреас Вулф и Уве Генсхајмер.
„На репрезентацијата ѝ недостига предводник, квалитет и организација на теренот. Можеби за Уве ова е премногу, да биде најважниот играч и капитен. Не сум задоволен од неговото движење. Генсхајмер не изгледа самоуверен како што е во клубот“, коментираше Баур.
Исто така поранешниот репрезентативец имаше коментар и за Вулф, кој пред првенството ги критикуваше ракометарите кои откажаа настап за Германија на првенството и му порача.
„Кога веќе се одлучил така критички да се изјасни, тогаш мораше да се погрижи да ја одработи својата работа и да одбрани повеќе“, вели Баур.
На Германиците им останува да го одиграат уште натпреварот против Полска кој е на програмата во понеделник од 20:30 часот во натпревар за престиж и 3. место во групата.