Пред една година се бореа за златниот медал на Европското првенство, а за два дена истата репрезентација со истиот селектор, Лино Червар ќе се „тресе“ цел ден прво за да види дали ќе остане во шанси за пласман во четврт-финалето. Потоа ќе биде да се биде или не бидејќи ќе мора и да се победи.
Математиката во Групата 2 каде што е европскиот вицешампион е сосема јасна. Хрватска со денешниот пораз од Аргентина од 19:23 се најде во ситуација да не зависи самата од себе туку од други.
Хрватска в понеделник зависи од Катар, а Лино Червар од Валеро Ривера. Меѓутоа и Катар има свои математики бидејќи исто така ќе има свои шанси, па ќе биде доста, доста интересно.
За Хрватска да остане во шанси ќе мора прво во 18 часот селекцијата на Катар да се избори за победа над Аргентина. Не е важно кој ќе биде резултатот туку важно е Катар да победи. Доколку се случи ова тогаш Катар ќе се израмни со Аргентина и двете репрезентации ќе имаат по шест поени.
Тоа ќе отвори шанса за Хрватска бидејќи има пет поени, а Данска ќе нема мотив и ќе се чува за четврт-финалето. Данците се сигурно на прво место во групата и Хрватска ќе добие шанса. Тогаш со победа ќе се најде на 2. позиција.
Сепак, во моментов ова е ситуација: „Што би било, кога би било“ или „Весела математика“. Математиките се јасни, па до понеделник Червар, кој од денеска е со најавена оставка за после првенството, ќе може да размислува и да се надева. В понеделник ќе биде многу појасно, а за помалку од 48 часа ќе бидат познати и сите четвртфинални двојки.