Репрезентативците на Австрија уште еднаш потврдија дека се главни кандидати за да дојдат до првото место во Президент купот, а со тоа и до 25. позиција на крајот од Светското првенство.
Австријците на денешната средба одиграа ефикасен натпревар против селекцијата на Чиле на која имаше дури 64 погодоци. Иако на ова првенство се без своите најдобри ракометари, сепак, репрезентативците на Австрија се поквалитетни од ривалите и засега чекорат според планот.
Во текот на целата средба против Чиле беа во водство, а на крајот имаа 33:31 што им донесе нови бодови и сега им останува уште пресметка со Јужна Кореја в недела за да можат да стигнат до планираното откако отпадна од трката за место во главната рунда.
Оваа средба во финишот имаше и инцидент, но целата ситуација беше решена со исклучување и доделување на црвен и син картон. Тоа се случи на четири секунди до крајот од натпреварот.
На другата средба одиграна денеска селекцијата на Мароко изненади бидејќи дојде до убедлива победа од 32:25 против Јужна Кореја. Брзите Корејци очигледно не можат повеќе на нивото на кое играа од старт.
Младоста на Корејците, сепак, денеска не успеа да дојде до израз, па тие се во лоша позиција и веројатно ќе финишираат на 31. позиција.