Уште еден натпревар и нов пораз на нашата репрезентација, сега од Русија. Се подготвувавме за „тепачка на терен“, меѓутоа излезе сосема мирољубив и „пријателски“ натпревар. После почетното водство од плус 3, подоцна и плус 6 од страна на Русите, продолживме во еден рутински натпревар, без многу жар и борба. Лошо отворивме и пристапивме лошо кон самиот натпревар.
Иако свесни за моменталните можности, недоволното искуство на младите играчи, фактот што играме против подобри репрезентации во моментот од нас, не може да играме без жар и желба. Во моментот кога го пишувам текстот го следам натпреварот помеѓу Исланд и Франција. Исто како нас Исланд млади немаа шанси за четврт-финале, меѓутоа начинот на кој се борат младите играчи на Исланд, против фаворизираниот противник е за секој респект. Можеби тоа треба да ни биде патоказ како треба да се однесуваме на терен. Ни останува уште еден натпревар во групата, можност да извлечеме поуки од сето досега и да пробаме да не ги повториме истите грешки како досега .
Почнавме со 5:1 одбрана, која дава можност да има повеќе контакт со противничките играчи, требаше да правиме прекини во протокот на топката на руските играчи, меѓутоа премногу лесно не пробиваа и стигаа до нашиот гол. Повтотрно без директни фаули на противничките играчи, дуел игра, без контакт ги остававме пруските играчи непречено да шутираат кон нашиот гол.
Во напад повторно брзавме, не ја ценевме доволно топката, шутиравме од неизградени позиции што резултираше со тоа неколку пати да го промашиме целиот гол. Дека не беше се во најдобар ред говори и фактот дека дури и со играч повеќе немавме успешни напади иако во минатите натпревари барем во тој сегмент од играта бевме доста успешни.
Откако натпреварот беше решен, како да падна притисокот кај нашите репрезентативци, па така заигравме подобро во двата правци како во напад така и во одбрана. Продолживме во одбрана со 6:0 која делуваше доста подвижна и агресивна, што даде со резултат. Во нападот во отсуство на повредениот Велковски, доби шанса и ја оправда довербата Серафимов, кој со неколку голови беше поддршка на денес добриот Кузмановски. Георгиевски доби поголема шанса во ротацијата на нашиот тим и со неколку потези даде светол тон на нашата игра. Веќе се навикнавме на моментото дека на нашите голмани се едни од најдобрите на теренот, па така беше и денеска.