Македонија претрпе нов пораз на Светското првенство, овој пат од Русија со 20:32 и продолжи со лошите резултати така што најверојатно втората фаза ќе ја заврши без поени. Денеска сè беше решено за десетина минути, па како одминуваше времето имаше само една неизвесност односно прашање со кој резултат ќе финишира средбата.
Кој ќе победи денеска се виде после само неколку минути од натпреварот односно се виде дека нема да има ништо ново во играта на Македонија во поглед на борбеноста и ангажираноста. Сето тоа резултираше и со нов лош резултат така што од лошо репрезентацијата на Македонија отиде во уште полошо.
Отворањето со 0:3. Првиот гол дури во 6. минута, а потоа уште нови пет минути се чекаше за вториот погодок. Русите играа одлично и ја „билдаа“ предноста која постојано растеше. Иако имаше малку жар и надеж, сепак, тоа не беше доволно за да може Македонија да се надева на подобар резултат.
Како одминуваше времето во првото полувреме така паѓаше уште повеќе ритамот и желбата, а предноста на противникот растеше. Сето тоа влијаеше многу на резултатот, па пред заминувањето на одмор негативата стана двоцифрена. На паузата беше 9:19 и веќе беше јасно дека овој натпревар е загубен.
Почетокот на второто полувреме донесе нешто подобра игра и отворање со 3:0. Малку надеж за нешто повеќе, но истата брзо згасна бидејќи откако Македонија се доближи на седум разлика противникот одново почна да игра сигурно. Иако Русите останаа без Косоротов кој доби црвен картон откако шутираше во главата на Томовски, тоа не им влијаеше на резултатот.
На сето она што беше лошо се надоврзаа и грешки на клупата. Лоша измена за останување со двајца помалку, потоа почетнички грешки и добивање на исклучувања поради прекршоци кои немаше потреба да се направат. Сето тоа допринесе Русија да се врати на двоцифрена предност и да има во еден период и +12.
Во завршницата се играше мирно, а разликата се движеше околу десет гола. Прашањето беше каква ќе биде разликата на крајот од натпреварот. Вториот дел беше израмнет но тоа не беше вистинската слика за сето она што се случуваше на теренот бидејќи противникот не форсираше повеќе.
На крајот тоа беше нов висок пораз, кој е и ново разочарување бидејќи одново не беше видена борба на теренот туку лесно предавање во битката и дозволување на противникот да доминира. Македонија забележа уште еден идентичен пораз како стартниот против Шведска и тоа со идентични 20:32.