Лино Червар со една изјава ја опиша лошата организација во Египет

Репрезентативецот на Хрватска, Лука Циндриќ поради повреда мораше да го напушти националниот тим и да се врати во Барселона.

На натпреварот против Јапонија, Циндриќ ја обнови повредата на препоните, а после натпреварот поради тоа што немало адекватна амбуланта во близина, Циндриќ мораше да се врати во Барселона.

Селекторот на „коцкестите“, Лино Червар ја коментираше настанатата ситуација.

„Циндриќ инсистираше да го заменам бидејќи тој поради повреда не можеше да продолжи да игра. Во тој момент бев присилен и на неговото место го поставив Јанко Кевиќ. Моравме тоа да го направиме бидејќи во кампот каде се наоѓаме нема адекватна амбуланта или здравствена установа. Едноставно немавме друго решение’, изјави Лино Червар.

И покрај тоа што во селекцијата на Хрватска има и медицински тим, сепак нивната помош не била доволна. Покрај проблемите со немање адекватни амбулантни, последните денови некои репрезентации се жалеа и за долгото патување од хотелите  до салите.