Машката репрезентација на Македонија денеска од 15:30 часот го игра решавачкиот натпревар за пласман во главната рунда на Светското првенство во Египет.
Ривал е добро познатата селекција на Чиле, која подготовките за Мундијалот ги мина во Скопје и одигра две пријателски средби со нашата репрезентација.
„Мора добро да се подготвиме. Нема да биде лесно, ќе треба голема борба. Мора малку и емоции да покажеме, ако не е така, ќе биде многу тешко. Двата натпревари во Скопје немаат врска со тој овде. Ќе имаме поголем притисок, ова е официјален натпревар, ќе нè гледа цела Македонија“, вели Марио Танкоски.
Со бекот се сложува и голманот Мартин Томовски, кој вели дека ги знаеме нивните предности и мани.
„Двете победи не треба да не залажат. Ги знаеме нивните предности и мани, но треба да се фокусираме на нас, да го одработиме тоа што ќе ни го да каже селекторот. Да дадеме се од себе и да ја поправиме сликата од претходните два меча“, вели Томовски.
Натпреварот меѓу Македонија и Чиле се игра денеска во „Каиро Стадион“ со почеток во 15:30 часот.