Германија лесно славеше победа на отварањето на Светското првенство во Египет против Уругвај, а во продолжение на натпреварувањето следуваат вистинските предизвици на кои ќе биде дополнително ослабена.
И покрај тоа што слекторот Гисласон имаше многу откажувања од стандардни ракометари, неговите проблеми не прстануваат. На дуелот со Уругвај, Тобијас Рајхман заработи повреда на коленото која ќе го одалечи од терените седум до десет дена.
Гисласон веднаш повика замена за Рајхман, а тоа е играчот на Рајн Некар, Патрик Грецки кој ќе го замени на десната крилна позиција додека повредениот ракометар веднаш ќе го напушти Египет и ќе се врати во Германија на рехабилитација.
„Жал ми е за Рајхман, но тој нема да може да ни помогне. Со пристигнувањето на Патрик Грецки повторно имаме силна опција на десно крило. Тој брзо ќе се прилагоди во тимот“, рече селекторот Гисласон.
Следниот натпревар на Германија требаше да биде утре против Капе Верде, но тој ќе биде откажан и регистриран со службена победа поради тоа што Капе Верде нема доволно играчи, а Грецки се очекува да се приклучи тимот за натпреварот со Унгарија во вторник кој ќе биде одлучувачки за првото место во групата.