Репрезентацијата на Словенија откако во првото коло имаше полесен тренинг против Кореја, против Русија во вториот дуел го имаше првиот вистински предизвик на Светското првенство во Египет и веднаш беше поразена со 25:31.
Русите одиграа фантастичен натпревар, не им дозволија на Словенците да ја играат нивната игра и заслужено стигнаа до победата. Избраниците на Љубомир Врањеш го имаа само почетното водство, откако Русија израмни на 5:5 потоа го презема водството и до крајот на дуелот имаше целосна контрола.
До крајот на првиот дел Русија стигна до водство од три гола, а така беше и на полувреме кога водеа 16:13. На почетокот на вториот дел составот на Петковиќ ја направи клучната серија за победа на овој дуел кога поведе со 23:16. До крајот на мечот словенечките репрезентативци немаа шанси да избегнат пораз.
Предводици на Русија во победата која носи главна рунда беа Косоротов, Кисељев и Сорока со по шест гола, три постигна Кудинов. Во репрезентацијата на Словенија најрасположени беа Јуре Доленец со шест гола и Драган Гајиќ со пет погодоци. На овој натпревар правдата ја делеа македонските судии Славе Николов и Ѓорѓи Начевски.